ELENA JOVANOVA GRUJOVSKA

Д-р Елена Јованова-Грујовска, научен советник / редовен професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, е родена на 2.6.1966 година во Скопје. Основно и средно училиште завршува во Велес. Во 1989 год. дипломира на групата Македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Во 1998 год. ја одбрани магистерската теза „Валоризација на колоквијализмите во македонската јазична средина“. Во 2009 година ја одбрани докторската дисертација „Лексичко-семантичка анализа на именките со субјективна оценка во македонскиот јазик (деминутиви, хипокористици, пејоративи, аугментативи)“. Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ работи во Одделението за македонска лексикологија и лексикографија од 1.9.1990 година, отпрвин како помлад асистент (1990-1998), потоа како асистент истражувач (1999-2009), од 2010 како научен соработник, од 2012 како виш научен соработник, а од 2015 како научен советнок. Од 1. 1. 2016 е директорка на Институтот за македонски јазик.

Во периодот 1995-1998 година спроведе социолингвистичко истражување во врска со колоквијалноста на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со помош на четири техники (анкета, интервју, прашалник и слободен разговор) опфати околу 700 студенти. Научно-истражувачката работа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во периодот од 1990 година до денеска ја остварува преку следниве проекти: Речник на македонската народна поезија, Речник на македонската народна проза, Толковен речник на македонскиот јазик, Дигитализација на Картотеката на народната поезија (изработка на индекс на зборови, П-Р), Семантичко-деривациски речник на деминутиви, хипокористици, аугментативи и пејоративи во македонскиот јазик.

Усвојувајќи ги современите теории во лексикологијата, д-р Елена Јованова-Грујовска го пријави проектот „Семантичко-деривациски речник на деминутиви, хипокористици, аугментативи и пејоративи во македонскиот јазик“. Министерството за образование и наука го прифати овој проект со д-р Елена Јованова-Грујовска како главен истражувач.

Научноистражувачкиот опус на Е. Јованова-Грујовска е изразен во поголем број библиографски позиции, објавени во научни списанија и други публикации. Има учествувано со реферати на повеќе собири и конференции. Автор е на книгите „Валоризација на колоквијализмите во македонската јазична средина“ (книгата е наведена и цитирана во реномираните меѓународни списанија Sociolinguistics и Slavia), „Лексичко-семантичка анализа на именките со субјективна оценка во македонскиот јазик“ и „Капка по капка - вирче (македонско-албански пословични паралели)“. Се јавува како автор на 220 страници во првиот, вториот и четвртиот том од Толковниот речник на македонскиот јазик.

Се пројавува и со активности за популаризирање на науката во Република Македонија и надвор од неа. Од овие активности произлегуваат интервјуата и јавните настапи на телевизиите, радиото и периодичниот печат. Од 2011 до 2018 година учествува на трибини и држи предавања за улогата и значењето на мајчиниот јазик.

Главна преокупација во научноистражувачката работа: социолингвистичките, лексичко-семантичките и зборообразувачките аспекти на современиот македонски јазик.